
Нема никакви шанси изборите да се одржат во јуни. Првиот човек на државната изборна Комисија за Сител вели дека без разлика на желбите на политичките партии, изборниот законик е јасен. За организација на изборите мора да има простор од најмалку 50 дена откако тие ќе бидат распишани.
Дерковски вели дека покрај 20 дена за кампања, потребни се дополнителни 30 дена за да се повтори процесот на ажурирање на избирачкиот список но и постапката на кандидирање.
За најавата дека изборите може да се одржат под маски, Дерковски вели дека надлежните треба да знаат дека за таква постапка ќе биде потребно многу поголема логистика, а под знак прашалник е како ќе се врши идентификацијата на гласачите доколку во текот на целиот гласачки процес тие бидат со скриено лице
Доколку здравствените власти дадат зелено светло, а политичките лидери се договорат во текот на идната недела а изборите бидат распишани по крајот на вонредната состојба, согласно законот, изборното соочување би можело да се организира најрано на 5 или 12 јули.