
Денеска со почеток во 13 часот во кабинетот на претседателот ќе се одржи лидерската средба на која ќе стане збор за парламентарните избори и за актуелната состојба со коронавирусот.
Политичките партии пред средбата се со различни ставови околу новиот датум за одржувањето на изборите, кои беа одложени поради пандемијата. Сепак, согласни се дека одржувањето на изборите не смее да го загрози здравјето на граѓаните и ќе се придржуваат до препораките на здравствени власти.
Според лидерот на СДСМ Зоран Заев на избори треба да се оди во средината на јуни, а дека би било неодговорно да се загрозува здравјето на граѓаните и да се оди на избори на есен кога се очекува новиот пик на заразата.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Прв и основен приоритет за ВМРО-ДПМНЕ, вели, е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за какви било датуми што ќе овозможат фер и демократско презентирање на политичката платформа.
ДУИ е на ставот избори да се одржат што поскоро, ако тоа е во сосгласност со препораките, додека од опозициската Алијанса за Албанците сметаат дека избори треба да се одржат кон крајот на јули или почетокот на август.
На средбата се поканети претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата се очекува да присуствуваат претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами и на ДПА, Мендух Тачи. На разговорите поканети да учествуваат се и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.