
Скопјанец синоќа е тешко повреден при пукањето во мета во атарот на селото Галичник, мавровско, што го правел заедно со уште двајца други ловџии. Полицијата соопшти дека лицето било затекнато повредено во автомобил кај Маврово при што веднаш било пренесено во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Се уште не се познати сите околности под кои се случила несреќата.
Во соопштението на МВР се наведува дека синоќа во 21.35 часот во Полициското одделение Маврово било пријавено дека на регионален пат Маврово-Маврови Анови, на совозачкото седиште во паркирано патничко возило „Тојота“, со скопски регистарски ознаки, бил затекнат повреден М.В.(54) од Скопје.
-По кажување на возачот на возилото О.Р.(45) од Скопје, додека двајцата, заедно со Н.Д.(29) од с.Маврово, биле на место викано „Тонивода“, атар на с.Галичник, каде пукале во мета, М.В. се повредил од ловна пушка карабин, сопственост на О.Р. Повредениот бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде му била констатирана тешка телесна повреда, соошти МВР.
За настанот е известен Јавен обвинител, а од полициски службеници од СВР Тетово ловната пушка била подигната за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.