
„Рекет“, утре влегува во самиот финиш. Во Кривичниот суд обвинителката Вилма Русковска ќе ги каже последните зборови за судењето во кое Бојан Јовановски и Катица Јанева се обвинети за изнуда од 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев, кој, пак, е осомничен во истрагата „Империја“ што ја отвори СЈО. Според обвинителството, Јовановски влијаел кај Јанева за да му се олесни кривичната положба и да му се укине притворот на Камчев, а за тоа Јанева добила 50.000 евра и мебел. И двајцата го негираа делото. Јовановски тврдеше дека не ѝ се мешал на Јанева за СЈО, ниту, пак знаел оти во торбата „Луј витон“ имало пари, која Милевски ја зел од кај Камчев.
Јанева во својата одбрана објаснуваше дека затворскиот притвор на Камчев му бил заменет со домашен откако во СЈО се договориле сите притвореници, 2019 година да ја дочекаат дома. За снимката со пари екс шефица на СЈО, рече дека со тие пари го платила мебелот, кој и го дал Јовановски. „Рекет“ имаше повеќе од 30 судења на кои освен фискални сметки, фотографии се презентираа и брендирани облеки, купувани од Милано.
Во својство на сведоци беа повикани пријатели сегашни и поранешни на Боки 13, обвинители од СЈО, бизнисмени , уметници но остана неодговорено прашање каде завршиле 1 милион евра – пари за кои се тврдеше дека биле во торбата Луј Витон.
„Од кај Камчев торбата завршува во куќата каде што живеат родителите на Бојан Јовановски“, вели обвинителката Русковска.
„Има базна станица дека она што го кажа обвинетииот кога го враќал од домот на сведокот во домот на неговите родители, ма каква ташна каква снимка“, изјави Сашко Дукоски, адвокат.
Завршните зборови во „Рекет“ ќе траат два дена, по што ќе биде изречена пресудата.