
Владата до крајот на неделата треба да направи проценка дали е потребно прогласување нова вонредна состојба. Тековната вонредна состојба што трае 14 дена завршува на 30. мај.
По неуспешната последна лидерска средба на 18 месецов за консензус околу датумот на одржување на изборите и вчера изостанаа официјални информации за можноста за одржување нова средба на лидерите, а од партиските седиште на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повторија ставовите, првите за брзи избори, а вторите дека се уште нема услови поради новите случаи на заболени од Ковид-19.
Од СДСМ и вчера порачаа дека се потребни избори за да се заштити здравјето на граѓаните, поради очекувањата за нов бран со вирусот КОВИД-19.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повтори обвинувањето дека СДСМ сака избори по секоја цена, укажувајќи дека Државната изборна комисија доставила мислења каде јасно пишува оти им се потребни 35 до 60 дена за спроведување на изборите.
Како што изјави вчера премиерот Оливер Спасовски, до крајот на наеделата ќе се направи проценка, дали е потребно прогласување нова, трета вонредна состојба. Ако се увиди дека има потреба, вонредна состојба повторно ќе биде воведена.
Ако е потребно тоа, ако се неопходни условите дека преку вонредна состојба полесно се справуваме со целата оваа ситуација, тогаш ќе носиме и таква одлука. Меѓутоа сега во овој момент немаме одлука во однос на тоа – изјави Спасовски при посетата на Штип.
За можноста за нова лидерска средба за договор на датумот за избори Спасовски порача дека очекува да се поттикне политичкиот дијалог и оти политичките партии треба да се договорат врз основа на позитивните законски прописи во државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека барањето брзи избори во ситуација кога има уште тројца нови починати и од Ковид-19 е организирано убиство од политички побуди.
Зоран Заев и СДСМ свесно го ставаат животот на граѓаните во опасност, единствено за да ја задржат власта – оценија од ВМРО-ДПМНЕ од каде претходно преку соопштение се повикаа на мислењето од ДИК дека им се потребни 35 до 40 дена за подготовки за одржување на изборите.