
Физичкото насилнство, вербалното, сексуалното, насилството преку социјалните мрежи, булингот и физичкото насилство, станаа секојдневие во основните и средните училишта во Македонија. Речиси сите пријави за насилство завршуваат во училиштата зашто недостига меѓусекторска координација за да може да се превенира. Истражувањето на Коалицијата на младински организации СЕГА спроведено во мај годинава во 15 средни училишта во осум општини: Битола, Кичево, Прилеп, Штип, Струга, Струмица, Кавадарци и Охрид, каде биле интервјуирани речиси 1.500 средношколци од 14 до 18-годишна возраст, како и 30-ина наставници или стручен кадар (психолози и педагози), покажа фрапантни податоци дека 70 проценти од вкупниот број испитаници изјавиле дека постои насилство. Насилството реално постои и се случува, а од аспект на интервенција затајуваат внатрешните процедури. Учениците не знаат што да направат, недостигаат информации каде треба да се пријави, а 55 отсто велат дека би пријавиле. Има и ученици кои немаат храброст и се плашат да пријават.
Со истражувањето не е опфатен главниот град. Скопје е намерно избегнат затоа што ги интересирало што се случува во средните училишта во внатрешноста.
Под вербално насилство, кое е најзастапено според истражувањето, се подразбира озборување, исмејување, навредување во континуитет.
Истражувањето дава препораки на две нивоа – да се работи директно со родителите зашто тоа ќе ја засили превенцијата, а кај наставниот кадар да се развијат вештини за примена на наставни програми и содржини за мирно решавање конфликти.