
Третата вонредна состојба, која претседателот Стево Пендаровски ја прогласи на последната седница на Советот за безбедност, овој пат во траење од 14 дена истекува на крајот на месецов, по што според Уставот треба да продолжат законските активности за одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа одложени поради коронакризата.
Партиите се уште без усогласен термин за изборите, откако последната лидерска средба заврши со различни ставови на власта и опозицијата за натамошните активности околу предвремените избори, кои пред избувнувањето на епидемијата на Ковид-19 требаше да се одржат на 12 април.
И власта и опозицијата сакаат на избори со датум, за кој е постигнат консенсуз, но засега според она што го кажуваат во јавноста, заеднички јазик нема, а усогласување на ставовите се очекуваат до крајот на оваа недела, иако засега се уште нема официјална потврда за нова лидерска до 30 мај, паралелно со завршувањето на 14-дневната вонредна состојба.