
Инспектор од ДУИ чии снимки како бара мито протекоа во јавноста, стана началник на истата единица од каде рекетираше
Ријад Ајети, член на ДУИ кој често може да се види на состаноци со раководството на партијата а и со челникот Али Ахмети пред неколку месеци беше поставен за началник во Единицата за насилен криминал во МВР. Токму од ова одделение почна и “кариерата” на овој инспектор – во периодот 2010-2011 јавноста се уште ги памти снимките објавени на тогашната А1 ТВ, каде што јасно се гледа Ајети со неговиот партнер Златко Дуковски, како со службениот автомобил Алтеа бела боја, бара мито и рекетира неколку лица. Снимките ги направија уценуваните, истите беа објавени во јавноста, Ајети беше приведен, преместен во друга единица, за набрзо случајот да биде заташкан и ставен во фиока.
Ајети сега е на челното место на истата единица од чија позиција бараше мито и изнудуваше пари, со што се поставува прашањето колкав и каков легитимет има овој партиски инспектор, со досие затворено во фиока, да раководи со една од клучните единици во борбата против криминалот во земјава.
Делата што ги направил Ајети, се токму дела против кои се бори Единицата за насилен криминал – изнуда, уцена и сл. Во нејзина надлежност е и проституцијата, лихварството, насилството, трговијата со луѓе. Инаку оваа позиција е редовно резервирана за кадри од ДУИ, но партијата и МВР очигледно без пардон, и покрај јавни објавени докази, бираат луѓе несоодветни да се носат со оваа позиција.
На терминалот во МВР, под името на РИЈАД АЈЕТИ уште си стои колекцијата кривични пријави кои се поднесени против него и за кои не е процесуиран… објави на фб новинарот Зоран Божиновски.