
Ова е наслов на еден од постарите југословенски филмови кој нема врска со темата за која што сакам да пишувам, но е многу добар наслов како претскажување што може да и се случи на планетата земја доколку не го слуша повикот на природата. Претпоставувате, станува збор за последните пожари во Амазонија и климатските промени. Дождовната шума од Амазон е опишана како „белите дробови на светот“. Толку јаглерод диоксид е заклучен во нејзините дрвја што заштитата на шумите е неопходна ако сакаме да се справиме со глобалното затоплување и да ја зачуваме планетата. Амазонија се нарекува „бели дробови на светот“ поради тоа што нејзините прашуми произведуваат 20 отсто од светскиот кислород. Доколку биде уништена, светот ќе се соочи со катастрофа од невидени размери, крај на светот што го знаеме, бидејќи Амазонија создава не само кислород, туку и нè заштитува од многу опасности за кои не сме свесни ни дека постојат. Кога доаѓа до пожари од значителни размери, стеблата што горат во атмосферата наместо кислород испуштаат јаглерод диоксид, кој дополнително ја загадува атмосферата, а кога би исчезнала Амазонија, голем дел од јаглерод диоксидот не би се трансформирал по пат на фотосинтеза во кислород, туку би останал каде што е, што ќе доведе до големо загадување на воздухот. Тековните пожари веќе достигнаа алармантни нивоа и уништија милиони хектари, но најлошото сепак може да следи бидејќи се очекуваат невообичаено топлите временски услови што предизвикаа претходни големи суши во овој век. Според истражувањето „Ефекти од уништувањето на тропските шуми врз климатските промени и земјоделството“, објавено во списанието „Нејчр“ атмосферското влијание од целосно исчезнување на тропските шуми, покрај зголеменото ниво на стакленички гасови, може да доведе до рапиден пораст на глобалната температура за 0,7 Целзиусови степени, што би значело удвојување на глобалното затоплување забележано во 1850 година.