
Од денеска почнува скринигот на околу 2.000 вработените во градинките преку кој треба да се направи протоколот за нивно ставање во функција. Скринингот се планира да се прави со истите тестови како и досега, а целта е да се идентификуваат асимптоматските носители.
Според планот, со скринингот треба да бидат опфатени вработените во градинките, во болниците, домовите за стари лица, пациентите со хронични болести, пациентите на биолошка терапија, вработените во ЈСП и други од десетината ризични групи.
Од денеска почнуваат со работа моловите, спортските објекти и обложувалници, центрите за едукација, обука и семинари за возрасни, автошколи, автоиспитни центри, а се отвора и заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје.
Во моловите се уште нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем за нарачка и достава.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска преку ФБ упати порака до патниците кои користат јавен превоз:
-Редовно мијте ги или дезинфицирајте ги рацете, особено по допир на површини во јавниот простор (држачи, рачки, копчиња).
-Покријте ја устата со марамче или превиткан лакт доколку се накашлате или кивнете.
-Секогаш кога сте во можност, користете велосипед или пешачете.
Попуштањето на рестриктивните мерки како процес ќе се одвива во три фази.
Првата е тековно функционирање на стопанските дејности и ограничено движење на населението со постепено намалување на времето за забрана на движење.
Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и протоколи за работа.
Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање. Се очекува Владата следната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките. Засега не се размислува за скратување на полицискиот час.
Со новозаболените 10 случаи, и петте оздравени пациенти, вкупниот број на дијагностицирани од почетокот на епидемијата, досега во државава се 1.674, оздравени се 1.205, починати 92, а активни се 377 случаи.