
Новата патарина на автопатската делница Демир Капија – Смоквица е пуштена во употреба изутрина во седум часот. Ставањето во функција на ова патарина се случува откако ЈП „Државни патишта“ го изгради споредниот пат до Гевгелија за жителите од околните населени места. Како што можевме да забележиме утринава, голем дел од возачите на патнички и товарни моторни возила не само од општина Гевгелија, туку и од другите места во државата, веќе масовно го користат овој новоизграден пат иако тој не е хоризонтално и вертикално одбележан, ниту осветлен. Сето ова може, при невнимание на учесниците во сообраќајот, да доведе до несакани последици, односно сообраќајни незгоди. Можеби попрактично и побезбедно ќе беше, новата патарина да биде ставена во употреба откако комплетно ќе беше осигурен новиот алтернативен пат Прдејци-Смоквица Според ценовникот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП, цената за возила од Б категорија со две осовини ќе изнесува 100 денари додека при готовинско плаќање во евра таа ќе изнесува 2 евра. Јавното претпријатие за државни патишта од почетокот на годинава, па заклучно со јули, од наплата на патарина остварило приходи во износ од 1.434.012.792 денари (23,5 милиони евра) или за 3,97 проценти повеќе во однос на истиот период лани.