
Увозот на нафта од Русија во Кина се зголеми за 17,7 проценти на годишно ниво, додека од Саудиска Арабија падна за 18 отсто, објави Reuters.
„Русија во април ја престигна Саудиска Арабија како главен кинески снабдувач на сурова нафта, а увозот порасна за 18 проценти во споредба со истиот месец минатата година“, се вели во извештајот на британската агенција која се повикува на податоци од главната царинска управа на Кина.
Според податоците на Главната царинска управа на Кина, увозот на нафта во Кина во април е намален за 7,5 проценти на годишно ниво – на 9,84 милиони барели на ден.
Обемот на испораките од Саудиска Арабија во април паднал за 18 проценти и изнесува 5,16 милиони тони, или 1,26 милиони барели на ден. Русија во овој месец испорача 7,2 милиони тони (1,75 милиони барели на ден), што е 17,7 проценти повеќе во однос на претходната година.
Агенцијата посочува дека увозот во првите четири месеци од годината се зголемил за 1,7 проценти во споредба со истиот период минатата година, бидејќи кинеските рафинерии ја користат предноста на цената на нафтата која е во пад.