
На 24 март 2018 година, долгогодишен член на Планинарското друштво „Кожуф”, докторот инфектолог, примариус Ѓорги Петков од Гевгелија, тргна од својот роден град во остварувањето на својот долгогодишен сон. Го испратија неговите другари, планинари, неговите пријатели и новинари. Заедно со уште шестмина алпинисти, под водство на Тим Моусдејл, од Катманду во Непал, тој ја започна експедицијата “Еверест 2018” во надеж својот сон да го претвори во реалност, и да биде петтиот Македонец, после Димитар Илиевски-Мурато, доктор Сашко Кедев , Здравко Дејановиќ и Илина Арсова, кој ќе застане на “покривот на светот”, на “големиот”, Монт Еверест. Експедицијата беше предвидено да трае од крајот на март до почетокот на јуни 2018 година. За жал, кон крајот на мај, преку Хималајскиот портал „Тајмс“ од Непал стигна кратка и ужасна вест, 63-годишниот доктор специјалист инфектолог од Гевгелија, Георги Петков, при подготовка за последното искачување кон врвот, починал од претрпен срцев удар.
Замина во небесата, човекот – сонувач, човекот – планинар, човекот –доктор, човекот со голема душа и срце. Не го оствари својот сон, но доктор Петков останува вечно во сеќавањата на своите сограѓани, своите планинари, своите пријатели, своите најблиски.